Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Впечатоци од одржаната летна школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски ситеми ВМС2014“

Впечатоци од одржаната летна школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски ситеми ВМС2014“

Уште една успешно организирана летна школа при Институтот за електроника: „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи 2014“ 23 - 27 јуни 2014 год.

 

По четврти пат во изминатите четири години успешно ја изведовме летната школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи“ и имавме одлично инвестирано време во учење, експериментирање, натпреварување и дружење.

И овој пат се пријавија помеѓу четириесет и педесет посетители. (Интересно е што оваа бројка се појавува како константа и тоа по штотуку завршената испитна сесија!) Мнозинството посетители беа од Факултетот за електротехника и информациски технологии од скоро сите студиски програми, но интересот овој пат се прошири и кон други факултети од УКИМ, како и кон другиуниверзитети во Република Македонија, па дури и кон средните школи.

Темата на овогодишната школа беше „Интеракција помеѓу вградливите системи и околината“. Четири дена по ред, од понеделник до четврток, во претпладневните часови течеа предавањата, а во попладневните часови практичната работа. Во предавањата беше даден вовед во вградливите системи и во електронските склопови за интеракција со околината, спецификите на двата микроконтролери со кои работеа студентите, како и низа примери за аквизиција на податоци од околината, нивна обработка и примена. Практичната работа беше организирана во две нивоа и соодветно во две групи: почетна група и напредна група. Работата се изведувашена две локации: во Лабораторијата за електроника на ФЕИТ и во едукацискиот центар на Сеавус – СЕДЦ. Последниот ден од школата, петок, беше наменет за презентирање на сработеното и за натпреварување.

Почетната групаимаше задача да управува со „модел на возило“ (далечински управувана автомобил-играчка) со помош на MSP430 Lounchpad развојниот систем од Texas Instruments и развојната околина Energia. Тие требаше да напишат програма што ќе го изведе возилото најбрзо што може од заграден простор во форма на двадрат низ отвор на една од страните мерејќи го растојанието на возилото од ѕидовите со помош на ултразвучен сензор. Групата работеше во Лабораторијата за електроника, аим помагаше нивниот постар колега и победник во меѓународни натпревари од типот хардвер-софтвер, Александар Лазаров.

Напредната група требаше да дизајнира волтметар со помош на развојниот систем LPCXpresso земајќи предвид што повеќе специфики од хардверот, од процесирањето на измерените резултати, но и од доброто структурирање на софтверот неопходно при тимската работа. Соодветна тежина носеше и резултатот: прецизноста и стабилноста на отчитаните вредности. Тие патуваа до Сеавус секое попладне и работеа во едукацискиот центар (СЕДЦ) со поддршка од м-р Благој Ќупев и неговите соработници.

Студентите, воглавно во тимови по двајца, се натпреваруваа за најдобар проект во својата група. Натпреварот се одржа во петок претпладне. Победниците од почетната група беа наградени со Lounchpad  и „модел на возило“, додека победниците од напредната група добија ваучери за курсеви што ги организираат Сеавус и СЕДЦ. Школата заврши вечерта со дружење во едно кафе во центарот на градот.

Впечатоците на студентите се извонредно позитивни и покрај големиот напор што им го наметнаа задачите (практично 24/4 од понеделник до четврток). Тие се мошне задоволни од помошта и вниманието што им го посвети нивниот постар колега кој напорно и агилно работеше на разрешување на различните тековни проблеми, но исто така и од инженерите во Сеавус од нивната Embedded division. На крајот, сите се забавувавме во тек на „натпреварот со автомобили“ во петок. Генералниот впечаток е дека школата вреди да се посети бидејќи секој може да научи нови вештини и истовремено убаво да си помине.

Би сакал да им заблагодарам на сите мои колеги од Факултетот како и од компанијата Сеавус-Скопје кои дадоа придонес за овој настан. Секако би ја спомнал и компанијата Texas Instruments која го сврте вниманието кон нивните алати за развој на вградливи системи со донацијата што ни ја даде пред неколку години.

Во прилог се неколку фотографии што ќе ни останат во драго сеќавање.

Срдечни поздрави од Летната школа ВМС2014.

05.07.2014 Ј.Ќосев