Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Впечатоци од летната школа ВМС2013

Впечатоци од летната школа ВМС2013

Впечатоци од летната школа „Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи  2013“ (“Embedded System Design 2013”) одржана од 1-ви до 5-ти јули на ФЕИТ

 

1 2 3 4 5 6

Фотографии од завршниот ден на школата

Кога пред две години се случи првата школа во рамките на DAAD проектот „Embedded System Design“ (со гости од Германија, Србија и Босна), впечатоците беа извонредно поволни. Интересот што го покажаа студентите три седмици по завршувањето на јунската сесија дадоа силен поттик Институтот за електроника на ФЕИТ да вети одржување на ваква школа и наредната година.

Во 2012 година, школата имаше извонреден одѕив – во само три дена отворен повик за пријавување се пријавија над 40 кандидати. Беа формирани две групи со две нивоа на тежина на задачата. Во втората школа главен партнер беше фирмата „Сивус“ (Seavus) со која ФЕИТ има успешна соработка. „Сивус“ беше и спонзор на награди за тимовите кои ќе изработат најуспешна задача.

И оваа година имаше одличен одѕив. Триесетте пријавени кандидати работеа во две групи со две нивоа – основно и напредно, а беше задржана и натпреварувачката компонента со награди од Институтот за електроника.

Ако темата во првата година беа реконфигурабилни вградливи системи, а во втората вградливи системи со енергетска ефикасност, оваа година тема беа вградливи системи со локациска/позициска пресметливост. Покрај предавачите од Институтот за електроника, гостуваа поканети предавачи од Иститутот за КТИ, Институтот за ТК, Машинскиот факултет, Seavus, Creation Pal, Македонска навигација, како и нашиот докторант од Универзитетот Humboldt и IHP Microelectronics.  Студентите се запознаа со MEMS сензорите, ултразвучните мерења, видео локацијата, безжичните мрежи, интернет технологиите со PHP5, вградливите системи во возилата и навигацијата кај воздухопловите - од аспект на техниките за одредување на локација/позиција. Придонес дадоа и победниците на минатогодишниот натпревар Hardware&Software2012, а презентираа и два дипломци од ЕРПС од кои вториот „во живо“ – со одбрана на својата дипломска задача. Во слободниот термин гости беа и Слободен софтвер Македонија кои презентираа дел од својата работа.

Задачата на студентите беше да искористатат некои од презентираните техники и да одредат позиција (или позиционираат) зададен вградлив систем. При тоа требаше да совладаат основни поими од вградливите системи, конкретна градба на микроконтролер и развојна околина за работа со него. Во рамките на задачата требаше да проучат/разберат даден програмски код,  да направат/надградат свој код како решение на задачата и на крајот да го презентираат својот проект. За таа цел секој тим имаше на располагање развоен комплет 24/4.

Впечатоците од посетителите и оваа година се слични како минатата: темите се интересни и актуелни, позитивно е оценета комбинацијата од теоретски и практични знаења, високо е оценет квалитетот на предавањата и помошта за практичниот дел, но и овој пат е истакната потребата од повеќе време за практична работа. На крајот, дружењето и заедништвото меѓу учесниците беше потенцирано како голема придобивка за сите.

А координаторот? Може да се каже исцрпен, но исполнет. Не е лесно да се „вози“ со таква динамика, но еланот за учење на младите и високата професионалност на предавачите даваат сила да се истрае.

Ќе се потрудиме оваа школа да продолжи.

Ј. Ќосев

поврзани предмети
ЛЕТНА ШКОЛА ВМС2013