Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Трибина „Либерализација на електроенергетскиот сектор во Република Македонија“

Трибина „Либерализација на електроенергетскиот сектор во Република Македонија“

ТРИБИНА „ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА НА ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“

Македонија со позитивни искуства од

либерализацијата на електроенергетскиот сектор

Скопје, 01.07.2014 - „Либерализацијата на електроенергетскиот сектор во Република Македонија“ е темата на денешната трибина која се организираше по повод 55 години од основањето на Факултетот за електротехника и информациски технологии и 20 години од основањето на Македонскиот комитет за големи електрични системи МАКО СИГРЕ.

Според дискутантите на трибината, либерализацијата е исклучително важен процес во електроенергетскиот сектор, кој овозможи создавање услови за воведување конкуренција во производството и снабдувањето со електрична енергија. Целиот процес се одвива постепено и е поддржан со донесување на законска регулатива која ги уредува сите аспекти на функционирањето на електроенергетскиот сектор во новонастанатите услови,  меѓу кои и условите за организирање на пазарот на електрична енергија и обврските на учесниците.

Како резултат на овој процес, на 1 април оваа година, повеќе од двесте компании добија можност да се снабдуваат со електрична енергија на слободен пазар, а од први јануари 2015 година, на слободниот пазар на електрична енергија ќе имаат право да излезат околу 630 илјади домаќинства и околу 70 илјади дргуи правни субјекти во земјава кои ќе имаат можност да се снабдуваат со струја од 12 лиценцирани компании.

По првите три месеци од спроведувањето на втората фаза од процесот на либерализација, панелистите се согласија дека првичните искуства во Република Македонија се позитивни, иако се уште се сумираат резултатите од либерализацијата за да се направи подобро планирање и оптимизација и дека постои голема соработка меѓу клучните институции и компании на пазарот.

Со оваа трибина, Факултетот за електротехника и информациски технологии, во рамки на општествената одговорност, се вклучува во дебатата за трендовите на развојот и подоброто  меѓусебно разбирање на компаниите и стручната јавност во однос на процесот на либерализација, нагласи деканот на ФЕИТ, професор Миле Станковски.

За Рубин Талески од МАКО СИГРЕ важно е да се потенцира дека постои добра соработка  меѓу клучните институции и компании во сферата на либерализацијата.

На трибината говореа Марко Бислимовски од Регулаторната комисија за енергетика, Антонио Ивановски од ЕЛЕМ, Илија Близнаковски од МЕПСО, Гунтер Брамбек, потпретседател на ЕВН групацијата за регулаторни прашања, Златко Черепналковски од ЕДС компанијата, Евјинд Магнус, ТЕМА Консалтинг група од Норвешка и професор Весна Борозан од Факултетот за електротехника и информациски технологии.