Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Промовирана лабораторијата за оптички комуникации при ФЕИТ

Промовирана лабораторијата за оптички комуникации при ФЕИТ

1

Скопје, 15.02.2014 – Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски и деканот на ФЕИТ, професор доктор Миле Станковски, денеска, ја промовираа Лабораторијата за оптички комуникации во просториите Факултетот за електротехника и информатички технологии.

„Со деканот на ФЕИТ и со министерот за образование и наука ја промовиравме новата лабораторија, која веќе е акредитирана и се употребува за оценување на капацитетот и квалитетот на оптичките кабли. Лабораторијата ја користат студентите, научните кадри, професорите, но и стопанството, како што се Агенцијата за електронски комуникации, Македонскиот телеком, а се надевам во иднина и другите телекомуникациски оператори и сите компании кои работат со поставување оптички кабли“, рече премиерот на Република Македонија, Никола Груевски.

2

Според него, оваа област, со децении, била запоставувана и било реткост да се инвестира во набавка на нови лаборатории за разлика од сега, кога се набавени 80 лаборатории и е инвестирано повеќе од 26 милиони евра за потребите на македонските универзитети и стопанството.

„Најголем дел од овие лаборатории, со вистинско менаџирање, се исплаќаат за три до пет години. Станува збор за одличен проект кој треба комерцијално да се искористи“, рече Груевски.

3

На промоцијата присуствуваа и министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, проректорот и професор на ФЕИТ, Влатко Стоилков, професор Борислав Поповски, раководител на Лабораторијата за оптички комуникации при ФЕИТ и други професори и гости.

4

Лабораторијата за оптички комуникации е дел од проектот на Владата на Република Македонија „Програма за опремување на лабораториите на државните високообразовни установи и јавни научни установи“. Оваа лабораторија се користи во наставата, во истражувачката дејност и во соработката со стопанството преку која се утврдува квалитетот на постојните и оптичките мрежи кои ќе се поставуваат во иднина. Лабораторијата за оптички комуникации е дел од акредитираното Инспекциско тело на ФЕИТ за електротехнички уреди, инсталации и опрема.

Медиуми