Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости ФЕИТ и Факултетот за електротехника и информатика од Загреб потпишаа меморандум за соработка

ФЕИТ и Факултетот за електротехника и информатика од Загреб потпишаа меморандум за соработка

Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе разменува професорски кадар, студенти и практиканти со Факултетот за електротехника и компјутерство (Fakultet elektrotehnike i racunarstva) - ФЕР од Загреб, Хрватска.

Ваква можност предвидува Меморандумот за соработка, кој го потпишаа првите луѓе на двете високо-образовни институции, во Скопје.

„Потпишувањето на меморандумот претставува само продлабочување и институционализирање на нашата досегашна соработка со ФЕР од Хрватска. Преку оваа соработка ќе овозможиме размена на знаења и искуства меѓу двете образовни установи и ќе обезбедиме заедничко претставување пред други институции и организации“, вели професор Миле Станковски, декан на ФЕИТ.

За деканот на ФЕР, професор Мислав Гргиќ, ФЕИТ и ФЕР, традиционално негуваат одлични партнерски односи, но со овој меморандум, меѓусебната соработка се формализира во наредните пет години.

„Со меморандумот се дефинирани и договорени конкретни активности поврзани со нашата соработка, како што се заеднички работилници на тематски подрачја со цел да се учествува на нови проекти, краткорочна двонасочна мобилност на студентите, со двојно менторство во однос на докторските студии“, објаснува деканот на ФЕР, Гргиќ.

Освен размената на студенти и професори, со овој Меморандум, факултетите договорија уште и заедничко учество на меѓународни проекти, можност за соработка на заеднички студиски програми, промоција на научни, академски и културни активности, како и организирање заеднички семинари, работилници, конференции и издавање стручни публикации.