Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Одржана првата работилница од областа на телекомуникациите FutureComNet 2014

Одржана првата работилница од областа на телекомуникациите FutureComNet 2014

По повод Светскиот ден на телекомуникациите и информациското општество, на 19.05.2014, а во организација на Институтот за телекомуникации, беше одржана првата работилница од областа на телекомуникациите FutureComNet 2014. Идејата за вакво одбележување на овој значаен ден потекнува од позицијата на Институтот за телекомуникации како стожер на телекомуникациската дејност во Република Македонија и единствена високообразовна институција која организирано се занимава со наставна, научно-истражувачка и апликативна дејност во доменот на телекомуникациите и информациско-комуникациските технологии во земјата денес. Дополнително, Институтот негува долгогодишна соработка со сите релевантни телекомуникациски ентитети во земјата, Балканот и светот како што се универзитетите од соседните земји, Европа и САД, најголемите светски производители на телекомуникациска опрема, најголемите светски телеком оператори како и релевантните домашни и странски регулаторни тела.

Работилницата FutureComNet 2014. беше организирана во три дела. Првиот дел беше посветен на предавања од истакнати професори и експерти во областа. Проф. Мислав Гргиќ, декан на ФЕР – Загреб, одржа предавање за синергијата помеѓу образованието, истражувањето и иновацијата во областа на телекомуникациите. Г-дин Синиша Апостолоски од АЕК зборуваше за улогата на АЕК во регулирањето на македонскиот пазар на електронски комуникации, како и идните предизвици со кои овој регулатор се соочува. Проф. Владимир Поулков, декан на Факултетот за телекомуникации при Техничкиот универзитет во Софија, ја начна темата за пристапните мрежи од следната генерација и развојот во наредниот период до 2020. Г-дин Мирослав Јовановиќ од Македонски телеком зборуваше за понудата на сервиси во “облак” и управување со големи количини податоци во идните телекомуникациски системи. Конечно, проф. Лилјана Гавриловска, раководител на Институтот за телекомуникации при ФЕИТ, одржа предавање за техничките предизвици и иновативните решенија за 5G мрежи.

Во вториот дел од работилницата, гостите го посетија Институтот за телекомуникации каде се запознаа со работата на членовите на институтот и со лабораториите со кои располага овој институт. Голем интерес предизвикаа поставените демо платформи од членовите на институтот.

Третиот дел од работилницата беше посветен на панел дискусија за можностите за имплементација и користење на Over-the-top (OTT) сервиси во Република Македонија под модераторство на проф. д-р Борислав Поповски. Панелистите беа претставници од мобилните оператори T-Mobile и ONE, кабелскиот оператор Blizoo, мрежниот провајдер Неотел и АЕК. Беше развиена мошне интересна и плодна дискусија за предизвиците, потенцијалниот бизнис, но и ризиците од OTT сервисите и од операторска и од регулаторна страна.

Очекуваме следната FutureComNet 2015 повторно да ги собере на исто место сите телекомуникациски играчи и да ги поттикне дискусиите и соработката помеѓу нив.