Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Информација за МАКО СИГРЕ

Информација за МАКО СИГРЕ

mc2013.JPG

Македонскиот комитет при меѓународната конференција за големи електрични системи (МАКО СИГРЕ) е член на меѓународната организација СИГРЕ (Conference International des Grands Reseaux Electriques-CIGRÉ), којашто претставува водечка техничка асоцијација во областа на електроенергетиката. Оваа меѓународна организација, со седиште во Париз, Франција е формирана уште во 1921 година, со цел да овозможи размена на информации и знаење помеѓу инженерите и експертите од областа на електроенергетиката, да овозможи синтеза на современите инженерски практики со цел нивна примена на меѓународно ниво и да ги информира владините и регулаторните тела и менаџерските тимови за резултатите од активностите и резултатите од работата на СИГРЕ.

5.JPG

Македонскиот национален комитет, како здружение на граѓани, е формиран во 1994 година, а редовен член на меѓународната СИГРЕ стана во 1995 година, додека верификација на членувањето е извршена во 1996 година, на Собранието во Париз. Сепак, македонските инженери се вклучени во активностите на оваа меѓународна организација уште во педесеттите години од минатиот век, како членови на асоцијацијата ЈУКО СИГРЕ, која постои во рамките на поранешна Југославија, каде даваат значителен придонес преку учество во раководството, во студиските комитети и на редовните советувања.

Основниот организационен облик на работење се шеснаесет Студиски комитети, а секој од нив покрива одредена специјализирана стручна област. Полето на научно-стручна работа на МАКО СИГРЕ опфаќа повеќе области од електроенергетиката, вклучувајќи ги производството, пренесувањето и дистрибуцијата на електрична енергија, но и областите кои се тесно поврзани со оперативната работа и стопанисувањето со електроенергетските системи, енергетска опрема, но истовремено и информатика и телекомуникации од аспект на функционирањето на електроенергетските системи.

Меѓу најважните активности во работата на МАКО СИГРЕ се стручните советувања кои редовно се организираат од 1996, кога е одржано Првото Советување на МАКО СИГРЕ. Советувањата претсавуваат можност за размена на искуства меѓу инженерите кои работат во електроенергетските компании и индустријата, академската јавност и експертите од области кои се поврзани со електроенергетиката. За време на советувањата, на сесиите на студиските комитети се презентираат теми од секојдневната инженерска пракса, но и резултати од најновите истражувања на домашната и меѓународната академска јавност. Истовремено, преку организирање на панел-сесии кои се однесуваат на актуелни теми од областа на електроенергетиката се обезбедува форум за дискусија каде своите ставови и искуства ги изнесуваат еминентни меѓународни и домашни стручњаци. Воедно, досегашните советувања покажаа дека се и одлична можност за средби меѓу инженерите и истражувачите од земјава и странство.

8. Советување на МАКО СИГРЕ, 22-24 септември 2013, Охрид

9.JPGИ на годинешното, 8. Советување на МАКО СИГРЕ, успеавме да ги задржавме веќе востановените високи стандарди, карактеристични за овие советувања. Преку богатата содржина (118 научни трудови) и афирмираните учесници, уверени сме дека и ова советување на МАКО СИГРЕ остана препознатлив настан за електроенергетската заедница на Македонија, на кое секој учесник имаше можност да дојде до информации од областа која го интересира и до можност да ги пласира сопствените достигнувања пред соодветен аудиториум и истите да ги тестира низ дискусија. Освен сесиите на студиските комитети, како особено значајни ги издвојуваме пленарната панел сесија, техничките презентации и изложбата на дел од спонзорите.

Советувањето започна со свечено отворање, на 22 септември, во 12 часот. На свеченото отворање на Советувањето присуствуваа претставници на енергетските компании, спонзорите, УКИМ, поканетите гости и учесниците, а Советувањето го отвори г-дин Владо Пешевски, Вицепремиер во Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања. Работата на советувањето продолжи со панел сесија на која истакнати експерти ги презентира своите искуства и размислувања на тема „Берзите на електрична енергија како алатка на пазарите на електрична енергија.“ Во рамките на оваа сесија, учесниците на Советувањето имаа можност да ги слушнат размислувањата на експерти кои имаат искуство во работата на берзите на електрична енергија, енергетската заедница, учесниците во пазарот на електрична енергија, но и на сите заинтересирани кои дадоа свој придонес кон оваа дискусија. Работата на советувањто продолжи преку сесиите на 16 Студиски Комитети, на кои учесниците ги презентираат своите трудови.

Во заедничка соработка меѓу Одделот за енергетика при македонската секција на IEEE и МАКО СИГРЕ, на 23 септември беше организирано предавање со наслов „Ревитализација на преносната мрежа - Превенција од распад на ЕЕС со модерни технологи за регионален надзор, заштита и контрола“ кое го одржи д-р Дамир Новосел, претседател на Кванта технологии и истакнат предавач на IEEE.

Во рамките на советувањето, за првпат, преку специјална постер сесија, МАКО СИГРЕ овозможи и претставување на најдобрите трудови од Првата студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“, организирана во мај 2013 од страна на Факултетот за електротехника и информациски технологии и ИАЕСТЕ Македонија. На овој начин, успешно беше остварена целта да се создаде простор за претставување на идеите и размислувањата на нашите студенти пред стручната јавност и да им помогнеме да се подготват за предизвиците кои ги очекуваат во иднина.

Со особено задоволство истакнуваме и во рамките на ова советување, техничките презентации на дел од нашите спонзори се однесуваа на искористувањето на обновливите извори на електрична енергија, на развојните програми на компаниите и на најновите технички решенија кои ги нудат производителите на опрема. Покрај ова, во рамките на Советувањето, беше поставена и изложба на електроенергетска опрема.

Организационен одбор
на 8. Советување на МАКО СИГРЕ

6.JPG

Галерија од настанот