Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Информативен состанок на деканатската управа на ФЕИТ со фондот за иновации и технолошки развој

Информативен состанок на деканатската управа на ФЕИТ со фондот за иновации и технолошки развој

1

На 23.04.2014 година пред деканaтската управа на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), при Универзитетот Св. Кирил и Методиј Скопје, беа претставени можностите за финансирање на Фондот за иновации и технолошки развој од страна на директорката, г-а Јасмина Поповска. На настанот присуствуваше и Претседателот на ИКТ комора, г-дин Саша Огненовски, при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Директорката на Фондот истакна дека цел на настанот е промоција на одделните финансиски инструменти за поддршка на иновациската дејност и приближување на условите за финансирање до потенцијалните корисници, како и поттикнување на заедничките проекти помеѓу универзитетите и бизнис заедницата. Воедно, ова е прв настан организиран во рамки на универзитетите, по кој ќе следат серија други настани за информирање, вмрежување и обуки за пополнување на апликации, наменети за професорите и студентите.

2

Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), проф. д-р Миле Станковски, истакна дека во наредниот период неопходно е информирање и подготовка на студентите и нивно поттикнување да аплицираат со свои проекти на јавните повици на Фондот. Исто така, тој ја потенцираше долгогодишната посветеност на факултетот во соработката со бизнис заедницата и потребата за организирање редовни настани за презентирање на бизнис идеи и проекти кои произлегуваат од факултетот, пред членките на коморите.

Г-дин Саша Огненовски, истакна дека на бизнис заедницата, особено на микро, малите и средни претпријатија, и е потребна поддршка од универзитетите во подготовката на квалитетни предлог-проекти, но и во изноаоѓање на иновативни решенија за тековни проблеми, со цел подобрен квалитет и намалени трошоци на претпријатијата.

Раководителите на одделните институти во рамки на Факултетот за електротехника и информациски технологии ја поздравија иницијативата за финансирање на иновациите во Македонија и истакнаа дека оваа поддршка е особено добредојдена за пренесување на резултатите од научните истражувања во апликативни и комерцијални активности преку спин-оф компании.

Фондот за иновации и технолoшки развој има за цел промовирање и поттикнување на иновациска дејност, подобрување на пристапот до финансиски услуги за иновации, развивање на инфраструктура за иновации и технолошки развој и развој на партнерства помеѓу универзитетите, истражувачките центри и приватниот сектор во Република Македонија. Фондот ги поттикнува иновациите и нивното вклучување во главните текови во приватниот сектор (комерцијализација), за да изгради конкурентна економија основана на знаење.

Преку Фондот за иновации и технолошки развој, ќе се обезбедат средства за поттикнување на иновативноста кај компаниите преку 5 финансиски инструменти, и тоа:

  1. Кофинансирани грантови за start-up, спин-оф компании и иновации
  2. Кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации
  3. Кофинансирани грантови за трансфер на технологии
  4. Техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори
  5. Техничка помош за компании