Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Идните научници од Македонија на заедничка средба во Народната канцаларија на Претседателот на РМ

Идните научници од Македонија на заедничка средба во Народната канцаларија на Претседателот на РМ

PretsedateliDekannaFeit.JPG

Скопје, 08.11.2013 - Четириесетина проекти на млади истражувачи, денес, беа презентирани на изложбата „Наука на младите“ која се одржа во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија.

На втората изложба на проекти која се организираше по повод Светскиот ден на науката за мир и развој беа презентирани 43 проекти на ученици од основни и средни училишта од 12 градови во Македонија кои добиле награди на Државни натпревари на млади истражувачи организирани од Народна техника на Македонија, како и наградени иновативни проекти на МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2013.

 

Eksponati.JPG

Исто така, беа исложени и десетина експонати на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ова претставуваше можност за средба на основците и средношколците со студентите, меѓусебно запознавање и размена на искуства и мислења, како и можност за воспоставување контакти и работа на идни заеднички проекти.

„Проектите сами по себе зборуваат за нивното високо едукативно и апликативно ниво, како и за широкиот дијапазон знаење за новите технологии што го имаат младите истражувачи“, рече професор д-р. Христина Спасевска преседател на Сојузот на здруженијата за техничка култура на Македонија-Народна техника при свеченото отворање на изложбата.

Изложбата „Наука на младите“ ја организираат Сојузот на младите истражувачи на Македонија - Наука на младите при Народна техника на Македонија во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и таа прераснува во традиционална манифестација при одбележување на Светскиот ден на науката со специјален акцент на младите научници и истражувачи.

„Искрено се надевам дека оваа средба ќе биде поттик да им се придружите на вашите идни колеги кои сакаат да работат наука, и да станете дел од факултетите за техника и природни науки. “- се обрати пред присутните проф.др. Миле Станковски, декан на ФЕИТ.

Како и минатата, така и оваа година претседателот на државата д-р. Ѓорѓе Иванов им излезе во пресрет на овие надежни млади умови. А со своето лично присуство им приреди големо изненадување, и уште еднаш ја потврди својата определба и заложба за поддршка на развојот на науката.

Покрај Претседателот, изложбата ја посетија проректорите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, како и голем број професори од основните, средните училишта и Факултетот за електротехника и инфомрациски технологии.

Изложбата ја посетија повеќе 150 основци и средношколци кои што имаа можности да ги разгледаат проектите и да се  едуцираат од своите повозрасни соученици, студенти на ФЕИТ.

ГАЛЕРИЈА