Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости ФЕИТ подготвен за новите студенти

ФЕИТ подготвен за новите студенти

Исклучително голем интерес кај средношколците за ФЕИТ

sredba.jpg

Скопје, 11.08.2015 – Исклучително голем е интересот за запишување нови студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии во првиот уписен рок во академската 2015/2016 година.

„Согласно бројот на пријавени кандидати, преку on-line апликацијата, на два дена пред уписите на нови студенти, интересот за запишување на ФЕИТ е исклучително голем. Бројот на пријавени кандидати, до овој момент, е поголем во однос на минатите години. И квалитетот на пријавени кандидати е висок, затоа што во над 80 проценти, тие имаат по повеќе од 90 поени од средното образование и државната матура. Со ова, како високо-образовна институција успеваме да ги добиеме најквалитетните кандидати од средношколските клупи и да го одржиме квалитетот на образование“, рече деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Миле Станковски на денешната средба со медиумите.

Освен електронското пријавување, секој кандидат, во четврток и петок (13 и 14 август 2015, во рамки на првиот уписен рок,) треба и лично да ги донесе документите на ФЕИТ.

„Во Македонија, но и во светски рамки, тренд е да се зголемува бројот на студенти на техничките науки. Ваквата тенденција, пред се, е предизвикана од зголемената можност за вработување на нашите студенти во странските и во домашните компании во земјава, но и во светот. Дека сме квалитетна високо-образовна институција потврдува и фактот што интерес за запишување на ФЕИТ постои и кај странски студенти, иако уписот за странци е регулиран и се спроведува преку Универзитетот“, вели Станковски.

Оваа година, ФЕИТ, согласно квотата има на располагање 600 слободни места. Деканот Станковски очекува ФЕИТ да ја потполни државната квота со високо-квалитетни кандидати.

„Кога ќе дојдат најдобрите средношколци на нашиот факултет, ние ја преземаме одговорноста за нивната иднина и им обезбедуваме највисок степен на образование. Затоа, на ФЕИТ се грижиме за квалитетот на образованието, дури и по цена да изгубиме одреден број на студенти. Сепак, таа бројка континуирано расте. Се разбира, доколку има квалитетен инпут, може да се очекува и да се „произведат“  високо-квалитетни инженери, кои се барани на пазарот и може да се соочат со сите предизвици“, рече Станковски.

Според продеканот за настава, проф. д-р Христина Спасевска, вообичаено е освен  теоретската настава, студентите на ФЕИТ да имаат и практична настава во лабораториите на Факултетот или во некоја компанија.

„Имаме договори за соработка со стотина компании во Македонија, каде нашите студенти извршуваат пракса, но и се вработуваат како дипломирани инженери. Постои можност, на нашата веб страна, компаниите да објавуваат и огласи за пракса и за кадарот што го бараат. Нашите инженери секогаш наоѓаат работа. Некои менаџери на компании бараат инженери од нас, а вработуваат и студенти од ФЕИТ“, вели Спасевска.

ФЕИТ има богата меѓународна соработка. Во изминативе петнаесет години, информираше продеканот за наука и меѓународна соработка, проф. д-р Александар Ристески, се реализирале повеќе од 200 меѓународни проекти. Факултетот соработува со повеќе од 300 Универзитети, компании и институции во светот.

„ФЕИТ е организатор и на средба на декани од балканскиот регион за да се зајакне нашата меѓународна соработка. Имаме и размена на студенти и професорски кадар со многу високо-образовни институции“, рече Ристески на средбата со медиумите.