Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости ФЕИТ како силен поборник за еднаков пристап на лицата со посебни потреби до образованието и сите општествени сфери

ФЕИТ како силен поборник за еднаков пристап на лицата со посебни потреби до образованието и сите општествени сфери

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) веќе трета година по ред на својата агенда го има подобрувањето на пристапот на лицата со посебни потреби до високото образование, но и до сите останати сфери на општеството. Преку директно учество во два меѓународни проекти за изедначување на можностите на лицата со посебни потреби да станат дел од сите образовни процеси во државата, но и во отворањето на сопствен бизнис, ФЕИТ работи на подигањето на свеста за потребата од инклузивност, олеснување на физичкиот пристап до своите физички капацитети и прилагодувањето на наставата за потребите на сите студенти.

Поставувањето на пристапни рампи  е само почетната активност која Факултетот ја презеде за да го олесни пристапот до наставниот процес за своите сегашни и идни студенти.

CertificatePwDs.jpg

Во периодот ноември 2011- ноември 2012, ФЕИТ беше партнер во меѓународниот проект „Еднаков пристап за лицата со посебни потреби преку примена на методологијата услужно учење“ (во оригинал: Equal Access through Service Learning for Persons with Disabilities) спроведен од Македонско-американската алумни асоцијација (МААА), а  поддржан од  грантoт од Фондот за иновативен ангажман на алумните на САД (Alumni Innovation Engagement Fund – AEIF). Проектот го водеше доц. д-р Ана М. Лазаревска од Машинскиот факултет во Скопје, а при тоа тимот од 7 студенти од ФЕИТ во состав: Стефанија Ефремова, Бенјамин Влаисавлевиќ, Маја Трпеска, Игор Зафировски, Емилија Бабалеска, Томислав Младенов и Емилија Велковска, под менторство на м-р Розита Петринска-Лабудовиќ, изработија студија на случај и го објавија трудот под наслов: Awareness about the Needs of the Students with Disabilities (SwDs) and Attitude towards the Students with Disabilities at the Faculty of Electrical Engineering and Information Technologies in Skopje. Повеќе информации за овој проект можат да се најдат на веб-страницата: http://www.equalaccess4pwds.org/

Од ноември минатата година до ноември 2013 година, ФЕИТ беше партнер од Македонија во проектот: „Целоживотно образование за претприемништво, наменето за сите, а посебно прилагодено за лицата со оштетен вид, како отворен ресурс“ (во оригинал: Open access to the entrepreneurship lifelong learning (LLL) education for Persons with Disabilities (PwDs) adjusted for visually impaired persons (VIPs)). Овој проект го спроведе Американската алумни заедница на Хрватска, поддржана со грант од Фондот за иновативен ангажман на алумните на САД (Alumni Innovation Engagement Fund – AEIF). Проектот го водеше доц. д-р Ивана Билиќ од Економскиот факултет во Сплит, а претставник на ФЕИТ во проектот беше м-р Розита Петринска-Лабудовиќ, инаку и самата член на Американската алумни асоцијација. Повеќе информации за овој проект можат да се најдат на веб-страницата: http://www.lll4business.com/