Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости ФЕИТ го одбележа Светскиот ден на науката со изложба на проекти од студентите - НАУКА НА МЛАДИТЕ

ФЕИТ го одбележа Светскиот ден на науката со изложба на проекти од студентите - НАУКА НА МЛАДИТЕ

По повод Светскиот ден на науката за мир и развој на 7 ноември се одржа Третата изложба на експонати на млади истражувачи. Експонатите беа изложени во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, кој ги посети младите истражувачи и со нив разговараше за изработените дела.

Проектите ги изработија основци и средношколци кои освоиле прво место на 50-тиот Државен натпревар на Сојузот на здруженијата на младите истражувачи на Македонија – Наука на младите и наградени проекти на МАКИНОВА и ЕКОНОВА 2014, а пет експонати се на студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

„Настаните, како денешниот, се поттик за младите, времето да го посветат на науката. Ова е апел што повеќе млади да истражуваат, да бидат креативни и да наоѓаат начини и решенија за предизвиците што ги носи животот. Ги повикувам младите што повеќе да се посветат на науката, да вложуваат во себе и своето знаење“, рече претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Според професор Христина Спасевска, претседател на Сојузот на здруженијата на младите истражувачи на Македонија - Народна техника, поголемиот дел од проектите се од областа на природните и техничките науки и нивната основна цел е да имаат иновативна компонента.

„Сите од нив учествувале на натпревари, биле бранети и ги освоиле првите места“, вели Спасевска.

На третата изложба, основците и средношколците имаа можност да се дружат и разговараат со своите повозрасни колеги од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Презентерите на експонатите доаѓаат од Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Струмица, Берово, Делчево, Велес и Гостивар.

За деканот на ФЕИТ, професор Миле Станковски, ова е поттик младите да се занимаваат со наука.

„Гестот на Претседателот со организација на ваква изложба е во правец на поттикнување на развојот на науката кај младите уште од мали нозе“, вели Станковски.

Изложбата „Наука на младите“ ја организираат Сојузот на младите истражувачи на Македонија - Наука на младите при Народна техника на Македонија во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и таа прераснува во традиционална манифестација при одбележување на Светскиот ден на науката со специјален акцент на младите научници и истражувачи. Покровител, секоја година, е Претседателот на Република Македонија.

10 ноември за Светски ден на науката за мир и развој е определен на Генералната конференција на UNESCO со Резолуцијата 31C/20 од 2001 година. Оваа година мото на Светскиот ден на науката за мир и развој е: Квалитетно образование – наука за одржлива иднина за сите. Светскиот ден претставува можност за промовирање на националната и меѓународната обврска што ја имаме кон науката за мир и развој и нагласување на одговорното користење на науката за подобро општество.