Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Добитник на престижната награда “Најдобар млад научник” за 2014та година е Даниел Денковски, член на истражувачката група WiNGroup при ФЕИТ

Добитник на престижната награда “Најдобар млад научник” за 2014та година е Даниел Денковски, член на истражувачката група WiNGroup при ФЕИТ

На 15ти Април во Вила “Водно”, претседателот Ѓорѓе Иванов му го врачи престижното признание “Најдобар млад научник” за 2014та година Даниел Денковски, магистер по електротехника и информациски технологии, за неговите научни достигнувања во полето на безжичните и мобилните комуникации.

– Како претседател на Република Македонија, но пред се како универзитетски професор, во секој поглед ја поддржувам науката. Затоа и го почнав проектот „Најдобар млад научник“, затоа сме денес тука, бидејќи цврсто веруваме дека инвестирањето во науката не е трошок, туку влог во развојот на државата, истакна претседателот Иванов пред почетокот на церемонијата.

ddenkovski.jpg

Изразувајќи благодарност, Денковски рече дека признанието за него претставува огромен поттик и мотив за продолжување на неговата научна дејност и за постигнување уште подобри резултати.

– Би сакал да ги охрабрам младите луѓе во Македонија постојано да го продлабочуваат и надградуваат своето знаење и да се занимаваат со наука поради слободоумноста, возбудливоста и перспективноста на оваа дејност, посочи Денковски.

Признанието се доделува петта година, со цел да се поттикне развојот на научната и истражувачката мисла, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.

Кратка биографија

М-р Даниел Денковски е роден на 4 јуни 1985та година во Куманово. Неговите додипломски студии ги завршил на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии (ФЕИТ) во 2008мата година со просечен успех од 9.21, а истата година се запишал на магистерските студии на ФЕИТ. Магистерските студии ги завршил во 2010тата година со просечен успех од 10.00 и се стекнал со титулата Магистер по електротехника и информациски технологии со потесна специјалност безжични и мобилни мрежи. Во Декември 2011тата година се запишал на новиот циклус на докторските студии на Школата за докторски студии на УКИМ, а оваа година му е прифатена изработката на докторската дисертација со наслов “Мапи на радио опкружување и нивен придонес во управување со радио ресурси во идните безжични комуникациски технологии”, под менторство на Проф. Д-р Лилјана Гавриловска.

Од јануари 2009тата година, Даниел е член на истражувачката група WiNGroup при ФЕИТ, како соработник на четири завршени и еден тековен научно истражувачки проект од FP7 рамковната програма на Европската Унија, како и еден тековен NATO проект од програмата Наука за Мир. Неговите истражувања се од областа на безжичните мрежи и комуникации со посебен акцент на когнитивните мрежи, методи за спознавање на радио околината, техники за контрола на пристап во безжичниот медиум, управување со распределбата на радио ресурси. Неговите досегашни научни истражувања резултирале во публикација на две поглавја во книги од реномиран издавач, 10 трудови во меѓународни списанија, од кои 7 со фактор на влијание, како и 26 научни трудови презентирани на врвни меѓународни конференции.