Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости 16-ти Меѓународен симпозиум за електромагнетни полиња во мехатроника, електроника и електротехника – ИСЕФ’2013

16-ти Меѓународен симпозиум за електромагнетни полиња во мехатроника, електроника и електротехника – ИСЕФ’2013

 


 

Во Охрид, во хотелскиот комплекс Метропол, од 12-ти до 14-ти септември 2013 година ќе се одржи 16-тиот Меѓународен симпозиум за електромагнетни полиња во мехатроника, електроника и електротехникаИСЕФ2013.



 

image003.jpg

 

Организатори на Конференцијата се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје и Институтот за мехатроника и информациски системи при Техничкиот Универзитет од Лоѓ, Полска. Конференцијата е под покровителство на Министерството за образование и наука на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите и општината Охрид. Во работата на Конференцијата  ќе учествуваат 150 учесници од 30 земји од целиот свет кои ќе презентираат 150 научни трудови поделени во 3 пленарни, 5 усни и 7 постер сесии.

Свеченото отворање на Конференцијата ќе се одржи на 12-ти септември 2013 година во салата „Билјана“ на хотелот „Метропол“ во Охрид со почеток во 9:15 часот.

Дел од темите за кои што ќе се дискутираат за време на трите работни дена на конференцијата се: напредни техники за пресметка на магнетни полиња, електромагнетни полиња во електрични машини, трансформатори и апарати, електромагнетизам во материјали, електромегнетни појави во електроенергетски системи, оптимизација и компјутерски поддржано проектирање на електроенергетски уреди, сензори, биоелектромагнетизам и негативни електромагнетни влијанија, примена на електромагнетни полиња во биомедицинско инженерство, симулација и примена на електромагнетни полиња во нано структури и електромагнетна компатибилност.

Треба да се напомене дека овие теми на истражување се основна преокупација на голем број на истражувачи и истражувачки тимови во целиот свет кои работат на развојот на нови техники и технологии за оптимално проектирање, како и моделирање и анализа на магнетните полиња во различни научни области.

На оваа конференција покрај големиот број на врвни научници и истражувачи од споменатите области од целиот свет во работата на конференција со свои научни трудови учествуваат и значителен број на истражувачи од академските институции од Македонија. За нив тоа претставува можност на едно место да се сретнат, да дискутираат за одредени научни теми и да воспостават нови релации со можност за идна научна соработка и учество во заеднички меѓународни проекти. Исто така, за дел од домашните учесници од фирмите и индустријата конференцијата е можност и тие да се запознаат со современите текови на науката и со најновите достигнувања во споменатите области, со можност некои од нив и да ги применат во своите работни средини.

Оваа високо рангирана конференција во светски рамки е исклучителна можност за промоција и афирмација на Република Македонија и во научниот свет.

 

Проф. д-р Гога Цветковски

Потпретседател на Организацискиот одбор

на ISEF’2013