Лични алати
Пријави се
Трага: Дома ФЕИТ Лаборатории Институтски лаборатории Лабораторија за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај

Лабораторија за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај

Лабораторијата за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај припаѓа на Институтот за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај. Основана е при Електротехничкиот факултет во Скопје во 1970 година и во текот на изминатиот период бележи постојан развој и проширување на дејноста.

Во периодот на основањето раководител на оваа лабораторија бил проф. д-р Стојан Чундев, а во нејзиниот развој во тој период помогнал асистент Ѓорѓи Такашманов. Виши стручни соработници биле дипл. инж. Димитар Ташковски и инж. Стојан Николовски. Денес нејзин раководител е проф. д-р Велимир Филипоски, а виш стручен соработник е дипл. инж. Љупчо Карајановски. Во нејзината работа учествуваат и други членови на Институтот ЕТЕЗЕС.

Во Лабораторијата за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај (ЛЕТЕЗЕС) се негуваат и развиваат трите основни универзитетски дејности: наставната, научно-истражувачката и апликативната.

Во поглед на наставната дејност Лабораторијата ги развива дисциплините поврзани со конверзија и рационално искористување на електричната енергија. Во Лабораторијата се одржуваат лабораториски вежби по следните предмети: електротермија, електротермиски постројки, електрична влеча, автономни електрични возила, електрично заварување, примена на микроконтролери, компјутерски симулации итн.

Во текот на нејзиното постоење оваа лабораторија е опремена со голем број електротермиски уреди и инструменти кои се користат за практична настава и со кои се демонстрираат пред студентите основните електротермиски постапки. Во поново време, ЛЕТЕЗЕС прави напори за максимално имплементирање на информациските технологии во наставата. Информациските технологии се застапени и во фазата на проектирање, како средства за пресметка, документација и симулација. Извршено е и поврзување на компјутерската опрема со уредите за конверзија и искористување на електрична енергија со кои располага Лабораторијата. Едновремено создадена е и солидна база за изведување комплицирани стручни и научни истражувања од областа на конверзија и искористување на електрична енергија.

ЛЕТЕЗЕС е целосно отворена и за воннаставни активности со максимална можност за изведување практични студентски проекти (студентски работилници, студентски истражувачки проекти, изработка на дипломски работи од кои повеќето се со практична реализација итн). Во Лабораторијата наставата и научно-истражувачката дејност формираат нераскинлива целина - наставниците се занимаваат со научни истражувања, односно истражувачите држат настава.

Во поглед на научните истражувања во ЛЕТЕЗЕС изработени се научно-истражувачки проекти и студии за: Влијанието на конструктивните елементи кај стабилните машини за точкесто и шевно заварување на нивните заварувачки карактеристики; Електромагнетна компатибилност на електротермиските уреди; Системи за следење на термалната експанзија; Избор на најрационална постапка за термичка обработка на надолжно високофреквентно заварени цевки итн.

Врвно научно остварување на Лабораторијата е развојот на технологии за заварување со електронски сноп на специјални материјали и склопови за наменска индустрија.

Во поглед на апликативната дејност, изработени се поголем број проекти поврзани со проектирање, адаптација, испитување на стабилни машини за преклопно електроотпорно заварување, процесно управување на електронски сноп, процесна контрола на квалитетот на заварениот спој со електроотпорно преклопно заварување, процесно управување на повеќеточкаст уред за електроотпорно заварување, изработка на автоматски уред за катодна заштита итн.

Во низата години на функционирање на Лабораторијата остварена е соработка со поголем број стопански субјекти. Пример за долгорочна соработка е испитувањето на силициумски исправувачи за локомотиви, утврдувањето на граници на сектор на опасно влијание врз телекомуникационите инсталации околу ТС 110kV во Скопје и повеќе градови во Македонија, утврдување на опасно влијание на електроенергетски постројки врз гасоводни цевоводи, определување на влијанието на 400kV далеководи врз околната средина, итн.

Од многубројната опрема во Лабораторијата, позначајни се уредот за заварување со електронски сноп, универзален инверторски уред за заварување, микроплазма, уреди за директно и индиректно загревање со електричен отпор, за заварување со притисок и топење, за индукционо и диелектрично загревање, за проучување на статички и динамички карактеристики на електричен лак, импулсно управуван еднонасочен мотор, мерна и регистрирачка опрема за прецизни мерења, системи за аквизиција, осцилоскопи, персонални сметачи итн.


eezes
Лабораторијата за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај
Navigation
Информации за матурантите

copy_of_studenti.jpg

СП ФЕИТ

copy_of_SPFEIT_Logo.jpg

MECA Project

MECAlogo.png

Списание JEEIT

JEEITlogo.jpg

Студентски пракси

praksa15.png

LabVIEW академија

labview_logo.jpg

ЖИРО СМЕТКИ НА ФАКУЛТЕТОТ

Жиро сметки на ФЕИТ