Лични алати
Пријави се
Трага: Дома ФЕИТ Лаборатории Институтски лаборатории Лабораторија за електроника

Лабораторија за електроника

Лабораторијата за електроника спаѓа меѓу првите лаборатории формирани на Техничкиот факултет во 1967 год. како Лабораторија за електроника и автоматика. Лоцирана е во приземјето на анексот. Во тоа време таа е мошне современо опремена едукативна лабораторија. По надградбата на анексот го дели лабораторискиот простор со Лабораторијата за електронски мерења (1985 год.). Од 2001 год. во просториите на Лабораторијата е сместена и опрема од Темпус проектот JEP-12103-97 наменета за организирање на лабораторија за енергетска електроника (која сè уште не е формирана поради перманентните проблеми со простор со кои се среќава ФЕИТ). Дел од опремата на првата Лабораторија за електроника е одржана во функционална состојба дури до 2008 година кога е извршена преорганизација на просторот заради организирање на Лабораторијата за дигитално процесирање на сигнали.

elektronika01.png
Лабораториски вежби во горната просторија во анексот

elektronika02.png
Простор за тимска и практична работа

Денес Лабораторијата за електроника ги изведува наставните активности во една просторија на катот во анексот, додека просторијата во приземјето се користи за предавања и аудиториски вежби, но и за лабораториски вежби од електронски мерења и од енергетска електроника. Практичната работа на студентите, како и научно-истражувачката и апликативната дејност при Институтот се одвиваат во заедничкиот простор на Институтот на првиот кат во анексот, како и во одделните простории во кои се сместени наставниците и соработниците (организирани во вид на микролаборатории). Лабораториските вежби се клучна алка во образованието на инженерите во областа на електрониката и затоа тие се застапени во речиси сите предмети: основи на електрониката, линеарна електроника, импулсна електроника, дигитална електроника, вгнездени компјутерски системи и системи за работа во реално време, микроконтролери, микропроцесорска електроника, телевизија, системи за обработка на слика, дигитални аудиосистеми, енергетска електроника, микроелектроника, како и сензори, кондиционери и ситеми за аквизиција. Повеќето лабораториски вежби со држат практична работа на студентите со реални кола и уреди, а каде што нема усло ви се користат компјутерски алатки и симулатори.

Студентите во лабораторијата за електроника и нивните проекти

elektronika03.png


Во Лабораторијата за електроника се изведуваат лабораториски вежби и за студентите од другите модули на ФЕИТ: компјутерска електроника 1 и 2 за ИКИ, електроника 1 и 2 за КСИА и ТК, како и основи на енергетската електроника и применета електроника за енергетските модули.

Просторот за тимска работа при Институтот за електроника е наменет за студентите од повисоките студиски години. Во него тие изработуваат практични семинарски работи и проекти по одделните предмети и, се разбира, практични дипломски работи. Во таа фаза од студирањето студентите имаат можност да ја користат најсовремената опрема во Лабораторијата и да стекнат искуство во решавање реални инженерски проблеми со совети од поискусните колеги и кадарот при Институтот. Во напорите да ја интезивира оваа активност, лабораторијата за електроника реализира соработка со фирмата LogingElectronics каде што има посебен попуст на електронски компoненти.

elektronika04.png


Нови плочки за вгнездени компјутерски системи и PLD/
FPGA компоненти

Во последните години Лабораторијата за електроника и генерално Институтот ја интензивираат практиката на воведување студенти во научно-истражувачката и апликативната работа (каде што предничи областа за дигитално процесирање на слика со истражувања во меѓународен проект-соработка со NXP-software). Резултатите кои се постигнуваат со овие истражувања претставуваат достојни амбасадори на знаењето не само за Институтот и Факултетот туку и за Република Македонија.

elektronika05.png
Лево: „Старата добра“ микропроцесорска развојна станица HP64000
приклучена на броилото за гориво.
Десно: Интелигентен вибросензор

elektronika06.png
Дел од опремата за енергетска електроника

Покрај стандардната лабораториска опрема (извори за напојување, мултиметри, генератори на сигнали, аналогни осцилоскопи, протоборди) која се користи за лаборатори ските вежби, Лабораторијата има и неколку пософистицирани инструменти што се редовно на листата на опрема за научно-истражувачките и апликативните проекти (прецизен мултиметар, дигитален осцилоскоп, логички анализатор, микропроцесорска развојна станица, прецизен генератор на импулси, изолациски трансформатори и др.). За жал, веќе подолго време оваа опрема не е обновена.

Во поново време Лабораторијата за електроника успеа официјално да добие спонзорство во областа на вгнездените компјутерски системи и PLD/FPGA компоненти во вид на повеќе развојни плочки за изведување лабораториски вежби и семинарски работи.

И покрај релативно скромната материјална состојба во споредба со светските лаборатории, Лабораторијата за електроника претставува една од ретките институции од областа електроника во земјава кои сè уште успеваат да ја одржат техничката опременост и кадровската екипираност на високо ниво и да креираат нови продукти во соработка со стопански субјекти. Таков е примерот со броилата за точење гориво креирани за Макпетрол во 90-тите години (кои се произведени и инсталирани низ бензинските станици во РМ во над 1000 примероци), но и интелигентните сензори за вибрации дизајнирани за ИНА Енергосистем или системот за контрола на наплатните станици за патарина во РМ, денес.
Navigation
Информации за матурантите

copy_of_studenti.jpg

СП ФЕИТ

copy_of_SPFEIT_Logo.jpg

MECA Project

MECAlogo.png

Списание JEEIT

JEEITlogo.jpg

Студентски пракси

praksa15.png

LabVIEW академија

labview_logo.jpg

ЖИРО СМЕТКИ НА ФАКУЛТЕТОТ

Жиро сметки на ФЕИТ